Болести

ПЛАМЕНИЦА НА ВИНОВАТА ЛОЗА Plasmopara viticola

Пламеницата на виновата лоза потекнува од Северна Америка. Во Европа е внесена во 1874 година, со подлоги отпорни на филоксерата. Прва посилна појава на болеста е забележана во областа Бордо, Франција во 1878 година. Набрзо потоа, пламеницата се проширила низ цел Европски континент, но и на другите континенти (Африка, Австралија, Нов Зеланд).

Ги напаѓа сите видови од родот Vitis, а особено е осетлива европската лоза - Vitis vinifera.

Пламеницата е болест која се јавува редовно, секоја година и причинува помали или поголеми штети. Во одделни години, познати како пероноспорни години или години на пламеница, предизвикува огромни штети, односно може целосно да го загрози приносот.

Ги напаѓа сите зелени делови од лозата, односно листовите, цветовите, дршките, гроздинката, витиците и зелените зрна. Најчесто ги напаѓа листовите, кои се најосетливи во фазата на интензивен пораст (крај на мај и почеток на јуни) и во фазата на зрелост (август и септември). Помеѓу овие две критични фази, листовите се помалку осетливи кон зараза.

Симптомите на листовите се разликуваат во зависност од тоа дали се последица од примарни или секундарни зарази. При примарните зарази, дамките се малубројни, крупни, тркалезни и светлозелени, кои не се јасно ограничени од здравото ткиво. При влажни услови, од опачината од листот се појавува белузлава превлака од конидии со конидиофори од габата.

Во услови на суво време, ткивото во рамките на дамките некротира, при што дамките стануваат кафеаво-црвеникави, кожести и нема појава на спорулација од опачината на листот.

При секундарните инфекции дамките се најчесто побројни и поситни, со аглеста форма, бидејќи нивното ширење е ограничено од нерватурата на листот (слика бр. 3). При поволни услови за развој, од опачината на листот, во рамките аглестите дамки се јавуваат конидиите со конидиофори (слика бр. 4). При суво и топло време, ткивото во рамките на дамките изумира, се суши и добива изглед на изгореница од пламен по што и болеста го добила името - пламеница. При силни зарази, на листовите се јавуваат многубројни дамки, кои доведуваат до нивно сушење и опаѓање.

Цветовите можат да бидат заразени дури и пред нивното отворање. При поволни услови на температура и влажност, цветовите можат да бидат целосно препокриени со бела, снежна превлака, сочинета од репродуктивните органи на паразитот – конидиофорите со конидиите (слика бр. 5). Заразените цветови целосно некротираат и пропаѓаат.

Зрната можат да бидат нападнати се додека имаат активни стомини отвори, односно од заврзувањето па се до фазата на прошарок (почеток на зреење).

Пламеницата може директно да ги нападне зрната додека да достигнат големина од 4-5 mm во дијаметар. Подоцна, заразата најчесто се остварува преку зелената петелка. Новоформираните заразени зрна при влажно време заедно со гроздинката се прекриени со бела превлака од од конидиофори со конидии (слика бр. 6), а при суви услови се сушат и покафеjуваат. Кај постарите зрна заразите се остваруваат преку петелките од зрната, на кои има отворено стомини отвори. Преку петелката, габата навлегува во зрното и како резултат на тоа помал или поголем дел од месото на зрната се засушува, често пати поцрнува, се смежурува, а некои од зрната и опаѓаат (слика бр. 7). При влажни услови на зрната се појавува бела пајажинеста прекривка. Откако зрната ќе достигнат 2/3 од својата големина и почне прошарокот, заразите не се возможни ниту преку петелките.

При исклучително поволни услови за развој на пламеницата, симптоми од пламеницата можат да се јават и на врвовите од младите ластари. При зголемена влажност нападнатите делови се покриени со бела пајажинеста прекривка, а потоа некротираат и потемнуваат.

 

Пепелница на виновата лоза Uncinula necator

Пепелницата на лозата, заедно со пламеницата и сивото гниење, спаѓа во групата на економски најзначајни болести на лозата.

Во наши услови се јавува редовно, секоја вегетација, а во зависност од климатските услови предизвикува помали или поголеми штети.

Ги напаѓа сите видови од фамилија Vitiaceae, а европската лоза е меѓу најосетливите видови кон овој патоген.

На зараза подлежат сите зелени делови од лозата, односно листовите, ластарите, цветовите и гроздовите.

Листовите можат да бидат заразени во текот на целата вегетација, без оглед на нивната старост. На лицето од листот, прво се забележуваат поединечни зони со присуство на беличеста превлака, која брзо се развива и ја зафаќа целата лиска.

Заразените листови се деформираат и стануваат малку брановидни. Освен од лицето на листот, брашнеста превлака се формира и од опачината на листот, која има позагасита – сивкаста боја. 

Кај некои сорти лоза, на лицето од листот може да се забележат карактеристични, тркалезни зони, со големина од неколку милиметри па до 1 cm во пречник, кои на прв поглед потсетуваат на маслените дамки од пламеницата. Промената на бојата во рамките на дамките е послаба отколку кај пламеницата, но сепак може да дојде до забуна при идентификацијата на болеста.

Ластарите можат да бидат заразени се до задрвенувањето. Едногодишните ластари можат да бидат заразени уште од нивното потерување, во случај кога се развиваат од заразени пупки (примарни инфекции), па во текот на целата вегетација (секундарни инфекции). Во првиот случај ластарите се послабо развиени, имаат кратки интернодии и ситни листови и целите се прекриени со беличеста, брашнеста превлака, сочинета од мицелијата и конидиофорите и конидиите на паразитот. Тоа се т.н. ‘’бели ластари’’ кои служат како извор за понатамошни зарази на листовите и гроздовите. Во вториот случај се зафатени само делови од ластарите. Заразените ластари недоволно созреваат. После нивното созревање се забележуваат црвенкасти до кафеави зони. Таквите ластари не треба да се користат за калемење. Едногодишните ластари габата ги напаѓа до моментот на зреење на ластарите, иако знаците од пепелницата може да останат на ластарите до крајот на наредната зима.

Штетите се најзначајни на гроздовите, односно на зрната. Зрната можат да бидат заразени од заврзувањето па се до почетокот на зреењето, односно прошарокот.

Доколку пепелницата се развие рано, таа ги зафаќа и цветовите кои се прекриени со белузава мицелија и конидии. По зрното и гроздинката најпрво се појавуваат дамки, кои изгледаат како да се посипани со пепел или брашно. Развојот на габата повлекува сериозни последици врз развојот на зрната, особено за време на интензивното наводнување и пред затворање на гроздот. Во фазата на интензивен пораст на зрната и непосредно пред затворање на гроздовите, пепелницата причинува најголеми штети. Паразитот ги умртвува епидермалните клетки, при што покожицата не може да го прати порастот на зрната и под внатрешен притисок од делењето на клетките доаѓа до пукање на зрната на два, три или повеќе делови, што е најкарактеристичен симптом на оваа болест.

Ако заразата се јави во рана фаза тогаш зрната целосно пропаѓаат. Подоцна нападнатите зрна се развиваат нормално, а на површината останува рѓеста дамка, што во голема мера го намалува естетскиот изглед на гроздот. Често пати поради повредената лушпа, зрната гнијат, а ако е времето врнежливо се развиваат разни паразитни и сапрофитни габи, како: Botrytis cinerea, Penicillium expansum, Rhizopus nigricans.

СИВО ГНИЕЊЕ НА ГРОЗЈЕТО Botryotinia fuckeliana

Болеста е распространета во целиот свет, особено во земјите со умерена и суптропска клима, додека високата температура во тропските делови од светот, го ограничува нејзиниот развој.

Сивото гниење е едно од економски најзначајните болести, кое се јавува на голем број растенија на кои причинува најразлични симптоми. Напаѓа голем број градинарски култури при нивно одгледување во заштитени простори (домат, пиперка, краставица, модар патлиџан), поледелски (сончоглед), овошни (јагода, малина, капина, калинка, јаболко, праска) и украсни растенија, но најпозната е како причинител на сиво гниење на грозјето. Се јавува и како причинител на полегнувањето на расадот, а големи штети причинува и после бербата на плодовите, односно за време на чувањето и транспортот. Најголеми економски штети кај грозјето причинува во услови на влажно и врнежливо време пред и во текот на бербата.

Во Република Македонија е најпозната како причинител на сиво гниење на грозјето. Се јавува секоја година, со послаб или посилен интензитет, во зависност од временските услови. Штетното дејство на сивото гниење на грозјето е двојно: го намалува приносот и квалитетот на грозјето и го намалува квалитетот на виното. Габата ги трансформира простите шеќери (гликозата и фруктозата) во глицерол и глуконска киселини и  произведува ферменти кои ја катализираат оксидацијата на фенолните компоненти. Исто така излачува и полисахариди, што доведуваат до поцрнување на виното. Виното добиено од заболени гроздови е со лош вкус, подложно е на оксидација и бактериолошки контаминации и не може да се чува.

Симптомите од болеста се јавуваат главно на гроздовите, но при поволни услови може да се јави и на ластарите, листовите и цветовите. Во влажна пролет, првите симптоми можат да се забележат на врвниот дел на  ластарите и листовите, уште пред цветање на лозата. При исклучително влажно време, на листовите може да се појават крупни, црвенкасто-кафеави дамки, кои некротираат и се сушат. По овие дамки од опачината на листот се формира карактеристична сива превлака. Штетите на листовите се незначителни. На ластарите се забалежува потемнување на поединечни делови, кои потоа се препокриени со сивкаста превлака, сочинета од репродуктивните органи на паразитот (конидиофорите и конидиите).

Гроздинката и цветовите исто така можат да бидат се нападнати, при што добиваат кафеавоцрвеникава боја, гнијат и се прекриени со сивкаста превлака од конидии и конидиофори. Во фазата на прецветување, габата ги населува цветните делови во изумирање, на кои се развива како сапрофит и останува во гроздот во латентна состојба. Подоцна, во фаза на затварање на гроздовите, како резултат на зголемената релативна влажност, габата повторно се активира и продолжува да се развива како паразит, при што продира во дршките, гроздинката и зелените зрна. Прво доаѓа до т.н. фаза на зелено гниење, кое претежно се јавува на оштетените дршки и зрна, од кои понатаму се шири и ги оштетува сеуште зелените зрна.

Најмасовни зарази настанувааат во фазата на зреење на грозјето, како резултат на зголемување на процентот на шеќери во зрната. Заразите се остваруваат директно преку кутикулата на зрната, или преку различните оштетувања предизвикани од гроздовите молци, пепелницата, механички оштетувања и др., а најчесто преку пукнатините на покожицата на зрната, настанати поради преголемата влажност од дождовите или од доцното наводнување. Заразените зрна се смежуруваат и потемнуваат, при што кај белите сорти добиваат љубичесто-кафеава боја, а кај црвените сорти црвенкаста боја. Лушпата во рамките на дамките лесно се кине и омекнува. На тој начин не само што се  губи голем дел од приносот на грозјето, туку и добиеното вино од нападнатите гроздови има лош квалитет, боја и вкус. При влажно време,  нападнатите зрна се целосно обраснати со густа сивкаста превлака, сочинета од мицелија и голем број конидиофори со конидии. Габата за неколку дена го зафаќа целиот грозд, кој набрзо потоа гние. Во услови на суво време габата прекинува со својот развој, а преку оштетената лушпа настанува интензивно губење на водата од зрната, при што се добива т.н. се грозје ,,суварак’’ со висок процент на шеќер.

На есен, паразитот ги заразува и недоволно задрвенетите ластари, на кои се формираат тврди, црни телца – склероции, кои служат за презимување на паразитот.

Развојот на болеста не завршува со берба на грозјето. Сивото гниење продолжува да се развива и во текот на транспортот и чувањето на грозјето во ладилниците.

ЦРНА ДАМКАВОСТ (ЕКСКОРИОЗА) НА ЛОЗАТА Phomopsis viticola

Присутна на сите континенти. Во Америка е позната под името мртва рака. Во Европа е внесена од Америка, со диви подлоги отпорни на филоксерата. Во Р. Македонија првпат е идентификувана во 1972 година во Гевгелиско-валандовскиот регион, во околината на Богданци, иако се смета дека била присутна и многу порано. Подоцна е констатирана во сите подрачја и забележани се големи штети, особено на осетливите сорти: кардинал, афус али, кабернет, вранец и др. Долготрајната употреба на Бордовската чорба против пламеницата на лозата, го спречуваше и развојот на екскориозата. Со воведувањето на дитиокарбаматите, во текот на 70-тите и 80-тите години, екскориозата на лозата почна да се јавува во големи размери, како во Европа така и кај нас.

Екскориозата е многу штетно и деструктивно заболување на виновата лоза, кое доведува до изумирање на пупките, кршење и изумирање на ластарите, сушење на цветовите и гроздовите, лесно одвојување на ластарите од лаците. Паразитот ги напаѓа листовите, ресата, грозјето и зелените ластари. Најштетни последици предизвикува на ластарите.

Првите симптоми на листовите се најчесто незабележливи, а се јавуваат веднаш по нивното потерување, во вид на жолтеникави дамки со црна точка во центарот. Дамките се распрснати по листот или се лоцирани покрај главниот и страничните нерви.

Со развојот на листовите, инфицираните делови на листот заостануваат во порастот, се деформираат и распукуваат. Нападнатите листови постепено жолтеат, се сушат, стануваат кафеави, но остануваат прицврстени на лозата до крајот на вегетацијата. Често пати поединечни црни дамки се јавуваат  и на дршките. Клетките на местото на инфекцијата изумираат, при што се формираат ситни отвори што личат на оштетувања од инсекти.

Најкарактеристични промени се манифестираат на ластарите. Екскориозата ги напаѓа младите, зелени ластари на почетокот на вегетацијата, на кои на интернодиите се јавуваат долгнавести, хлоротични дамки со темно обоена внатрешност, кои постепено се шират, а ткивото потемнува. Ластарите се нападнати скоро во исто време со листовите. Во основата на младите нападнати ластари се јавуваат дискретни карактеристични темни дамки со дијаметар  од 0.5 до 2 см.

Болеста најчесто се јавува на првите 5-7 интернодии, а многу ретко на погорните интернодии. Дамките претставуваат мртво ткиво, које останува на површината на ластарот додека тој продолжува да расте и понатаму. Дамките се елипсовидни или издолжено- елипсовидни со кафеаво-црна боја.

Кај зрелите ластари, бидејки габата се развива во дрвото, доведува до негово умртвување. Таквите ластари преку зимата избелуваат. На пролет, од заразените ластари окцата не потеруваат, а на површината се забележуваат ситни црни телца што претставуваат пикниди од габата. Габата од лаковите навлегува во краците, па дури и во главите на лозите, предизвикувајки изумирање на дрвото и на цели лози, а под старата кора се појавуваат црни пикниди.

КАДРАВОСТ НА ЛИСТОВИТЕ КАЈ ПРАСКАТА Taphrina deformans

Кадравоста на листовите кај праската е економски најзначајна болест на праската. Се јавува секаде каде праската се одгледува, при што причинува значајни штети. Во наши услови се јавува секоја година и е распространета во сите реони каде праската се одгледува. Главни домаќини се праската и нектарината, а многу ретко може да се јави на кајсијата и бадемот. Болеста се јавува на сите зељести делови кај праската, односно на листовите, цветовите, ластарите и плодовите. При тоа, најсериозни штети предизвикува на листовите.

Првите симптоми на листовите се јавуваат 2-3 недели после отворањето на лисните пупки. Заразените листови се задебелени, деформирани, набрани и накадравени, по што и болеста го добила името – кадравост. Лиската може да биде целосно зафатена или делумно, што зависи од времето на инфекција. Заболените делови во целост го губат хлорофилот, добиваат зеленкасто-жолта или црвенкасто-љубичеста боја, во зависност од сортата.

При крајот на пролетта, на лицето од накадравените листови се формира сивкаста превлака, која е сочинета од спорите на паразитот. Неколку недели после појавата на симптомите, заразените листови пожолтуваат, овенуваат и предвреме опаѓаат. Како резултат на предвременото опаѓање на листовите, доаѓа и до губење на плодовите, што негативно се одразува врз приносот.

Во текот на јуни и јули, опаднатите листови се заменуваат со млад прираст, што доведува до трошење на дополнителни хранливи материи, а како резултат на тоа овошките слабеат.

Заразените ластари се пократки, подебели и кадрави, а по појавата на сивата превлака, изумираат. Нападнатите плодови се помалку или повеќе деформирани, а заразените цветови се деформираат, сушат и опаѓаат.

Болеста не предизвикува директно сушење на праската, но доведува до нејзино силно слабеење и склоност кон измрзнување во зимскиот период. Освен тоа, родноста е силно намалена за следната година.

СУШЕЊЕ НА ЦВЕТОВИТЕ И ГРАНЧИЊАТА И КАФЕАВО ГНИЕЊЕ НА ПЛОДОВИТЕ КАЈ КОСКЕСТОТО ОВОШЈЕ Monilinia laxa

Болеста е особено раширена и штетна во областите со умерена и суптропска клима. Во наши услови се јавува редовно, секоја година, при што предизвикува значајни штети на праската, кајсијата, вишната, црешата и сливата. Болеста може да се јави и на јаболчестото овошје, но не предизвикува поголеми штети.

Симптомите од болеста се јавуваат на цветовите, ластарите, гранчињата и плодовите кај коскестите овошни видови. Цветовите се нападнати брзо по нивното отворање, а инфекциите се остваруваат преку жигот и толчникот. Инфекции се остваруваат и во фазата на прецветување, во кој случај навлегувањето е преку деловите во изумирање, како чашкините и венечни ливчиња и чашкината ложа.

Откако ќе се оствари инфекцијата, болеста брзо напредува, при што по нападнатите делови се забележува сивкаста маса од спори на паразитот. При тоа, заразените делови од цветот се прилепуваат за ластарот, на кој начин паразитот врши инфекции и на ластарите. На ластарите се формираат овални или елиптични дамки, кои доведуваат до негово прстенисување, а местата над заразата се сушат и изумираат.

Гниењето на плодовите се јавува во време на созревањето, во вид на мали, тркалезни, кафеави дамки, кои се формираат на места со рани или повреди на плодот, најчесто предизвикани од инсекти. При влажни услови, на површината од кафеавите дамки се формираат сивкасти перничиња, кои се најчесто наредени во вид на концентрични кругови. Заразените плодови постепено дехидрираат и се претвораат во мумии, кои се целосно проткаени со сивкаста мицелија од паразитот.

ШУПЛИКАВОСТ НА ЛИСТОВИТЕ КАЈ КОСКЕСТИТЕ ОВОШНИ ВИДОВИ (САЧМЕНКА) Stigmina carpophila

Шупликавоста на листовите или сачменката е широко распространета и економски значајна болест на коскестите овошни видови. Во наши услови се јавува секоја година, при што особено значајни штети причинува на кајсијата, праската и црешата. Освен овие видови, ги напаѓа и останатите коскести видови како вишната, сливата, нектарината, бадемот и други. Симптомите од болеста се јавуваат на листовите, плодовите, ластарите, пупките и цветовите.

Почетните симптоми на листот се во вид на ситни, црвенкастокафеави или сивољубичести дамки, обрабени со светлозелена или жолта линија. Со тек на времето, дамките се зголемуваат и достигнуваат големина од 3-10 mm во пречник.

Во рамките на дамките, ткивото изумира, станува некротично и отпаѓа, при што настануваат шуплини, кои на листот му даваат изглед како да е изрешетан од сачми, по што и болеста го добила своето име. Заразените листови предвремено опаѓаат.

Дамките на ластарите се пурпурни или темнокафеави, со големина од 2-3 mm во пречник. Со тек на времето, дамките се шират, при што се формираат издолжени рак-рани, кои често се препокриени со гумозна материја. Доколку ластарите бидат прстенесто зафатени, доаѓа до нивно изумирање, што многу често погрешно се припишува на мразевите.

Дамките на плодовите се различни, во зависност од видот на домаќинот.

Kај праската, нектарината и кајсијата дамките се испупчени и плутести и личат на красти, односно брадавици.

Кај црешата и вишната во зоната на дамките, наместо испупчувања, се јавуваат вдлабнувања, односно налегнувања, при што плодот може да испука до коската. Во двата случаи плодовите ја губат економската вредност.

ПЛАМЕНИЦА НА КОМПИРОТ Phytophthora infestans

Пламеницата на компирот е една од најзначајните болести на компирот. Нејзин главен домаќин е компирот, но болеста се јавува и на други видови од fam. Solanaceae, особено на доматот и модриот патлиџан.

Во наши услови се јавува редовно, при што предизвикува помали или поголеми штети во зависност од климатските услови (температура и влажност).

Ги напаѓа надземните (листови, стеблото) и подземните органи (клубените) кај компирот.

Првите симптоми (знаци на болеста) на листовите се јавуваат во вид на воденести, темнозелени дамки со неправилна форма, кои најчесто се забележуваат по рабовите или врвот од листот.

При влажни услови, дамките се зголемуваат и добиваат потемна кафеава боја, а од опачината по рабовите на дамките се забележува бела снежна превлака.

Листовите кои се силно заразени најчесто се сушат и изумираат, а ако болеста се прошири на голем број растенија во посевот, целиот посев изгледа како да е изгорен, по што и болеста го добила името пламеница.

На заразените клубени се забележуваат виолетови или темнокафеави дамки со неправилна форма. Ткивото во рамките на дамките е воденесто. При пресек на клубенот може да се забележи дека дамките продираат и во длабочина на клубенот, односно се шират од 5-15 mm во длабочина на клубенот. Подоцна, ткивото во рамките на дамките станува тврдо и суво.

Заразените клубени продолжуваат да гнијат и во текот на складирањето, при што најчесто подлежат на напад од други сапрофитни микроорганизми.

ЧАДЛИВА ДАМКАВОСТ НА ЛИСТОВИТЕ И КРАСТАВОСТ НА ПЛОДОВИТЕ КАЈ ЈАБОЛКОТО Venturia inaequalis

Болеста е распространета низ целиот свет, односно секаде каде јаболкото интензивно се одгледува. Во наши услови е најзначајна болест на јаболкото. Се јавува секоја година, при што во зависност од климетските услови предизвикува помали или поголеми штети.

Интензивното производство на јаболкото е практично невозможно без редовна хемиска заштита. Во отсуство на соодветни хемиски мерки за заштита, штетите се најчесто 100%. Болеста се јавува на сите зељести делови од јаболкото, но најштетна е на листовите и плодовите.

Првите симптоми од болеста се јавуваат на чашкините ливчиња, цветната ложа и дршките од цветот, во вид на темнозелени сомотести дамки, при што заразените цветови се сушат и опаѓаат.

После цветањето, симптомите се јавуваат на листовите кои се наоѓаат во непосредна близина на цветовите. При тоа, на листовите може да се јават два различни типови на дамки:

a) јасно дефинирани, зеленкасти дамки со тркалезна форма и карактеристична чадлива превлака.

б) сомотести дамки со нејасна форма и рабови, кои покриваат голем дел од лисната површина.

При рани и силни зарази, доаѓа до деформација, кржлавост, увивање и предвремено опаѓање на листовите, обично во текот на јули и август.

Плодовите можат да бидат заразени во текот на целата вегетација, односно од заврзувањето па се до бербата. Првите симптоми на плодовите се јавуваат во близина на чашкините вдлабнувања, во вид на крастави дамки. Со порастот на плодовите, дамките се зголемуваат, при што може и меѓусебно да се спојат и да формираат големи валканосиви или кафеави красти. Како резултат на формирањето на крастите, ткивата под крастите престануваат да растат, што доведува до неправилен развој и појава на помали или поголеми пукнатини на плодовите. Низ пукнатините може да навлезат други паразитни и сапрофитни микроорганизми, кои предизвикуваат гниење на плодовите во текот на складирањето.

Преземи документи

Преземи агро документи